МКЦ Рецензија, УБАВИ НЕШТА

(ЗА)МАСКИРАН ОБИД?

Кон изложбата „Маска или преобразба на изопаченото“ на Бранкица Јордановска, Галерија МКЦ, 01-08.09.2021

Човекот по природа е плашливо битие. Како единка, која директно зависи од сферата во која егзистира, секојдневните ситуации и предизвици, од секогаш го принудувале на еден или друг начин, честопати свесно, но и несвесно, да се обиде да се заштити. Таа природна дефанзивност, која секој од нас ја чувствува, од општествен аспект силно ќе влијае човекот континуирано низ еволутивниот биолошки и психолошки процес, да се труди да настојува да гради еден измислен конструкт околу себе, конструкт кој ќе го заштити, кој ќе му даде доза на комфорт, стабилност и сигурност во очите на другите. Затскриени зад сопствената, привремена, понекогаш дури и за нас самите, непозната маска, го живееме секој нов ден, се учиме да се прилагодиме на моментот, да се засолниме, прикривајќи ги сопствените стравови и несигурности. Да ставиме привремена маска, понекогаш дури и со една единствена цел – да избегаме од себеси. Одовде, лесно можеме да разбереме и кон што алудира Пруст, кога ќе каже: ,,Нашата општествена личност е творба на мислењето на другите.“[1] Тоа е оној конструкт, онаа покривност што ја навлекуваме врз сопственото постоење, како носители на одредени социо-општествени должности во заедницата. Творба, која самите сме ја создале, изградиле, поттикнале и негувале, надвор од ѕидовите на сопствениот комфор, во зоната надвор од удопството на сопствената кожа, надвор од внатрешниот глас.

Маски, маски насекаде.

Потреба за непосредна одбрана и чувство на слобода.

Дали нѐ штитат од надворешни влијанија? Или нѐ штитат од самите себе?

Културниот контекст каде што маската е кодирана како израз на граѓанска должност, може да се протолкува и од аспект на нејзината ефикасност за заштита и од аспект на нејзината семиотичка, митолошка и апотропејска функција. Но, без разлика дали зборуваме за одговорност, солидарност, за зачувување на приватноста, или градење на нова општествена личност во нас и за нас, сепак јасно е дека маската, за секој од нас претставува своевидна алузија на заштита и засолниште, облик на она што сме и што не сме. Популаризацијата на маската и првите чекори кон нејзината присутност во заедницата како социо-општествен феномен, датира наназад уште во најраните форми на примитивни племенски заедници, кои првично ќе произлезат како резултат на силната потреба од апотропејското влијание на маската, како предмет способен да преобрати и заштити, да даде моќ и да дејствува во името на поединецот. Во современото цивилизирано општество, маската гледана од аспект на ритуален предмет со магиска моќ, одамна го загубила своето значење, но тоа не значи дека со ова запира и целиот концепт на предмет преку кој човекот има можност да ја проблематизира сопствената индивидуалност, знаењето и транспарентноста кон сопствената ранливост и свесната потреба за (само)контрола.

Маската како мотив може да биде исклучително интересна за обработка од различни перспективи, како метафора што ја претставува бариерата помеѓу интимата, измамата, манипулацијата, (не)моќта на чистата и грешна суета на современиот човек, маската на сервилноста, послушноста, и (зат)скриеното лице на омразата и човековото лицемерие. Бранкица Јордановска, главно насочена кон илустративната обработка на визуелниот материјал, во нејзината последна изложба, со која започна септемвриската програма на Младинскиот културен центар, направи обид да ја разработи зададената тема од свој агол. Но, колку и дали тој обид беше успешен? Можевме ли ние, како гледачи, да се препознаеме во претставеното? Можевме ли преку илустративниот материјал на Јордановска да ја препознаеме маската на личната и колективна ,,изопаченост“?

Факт е дека Јордановска се имаше потрудено маската визуелно да доминира речиси во секој агол од поставката, присутна како објект, но и како ликовно решение во рамки на претставените акварели, цртежи и графики (линорези), од кои во најголем дел се состоеше изложбата. Но, тука завршува сѐ што е поврзано со маската и нејзината релација со оваа изложба. Освен како објект, кој визуелно овозможува затскривање на ликот, ништо во изложбата не ја навестуваше широката палета тематики што маската не само метафорички, туку и типолошки ги разработува. Речиси ништо во делата, освен самиот момент на ,,носење маска“, не навестуваше дека авторката се обидела да навлезе подлабоко во оваа низа проблематики, кои на еден или друг начин се поврзуваат со ,,маската, или преобразбата на изопаченото“, што бездруго беше и насловот што го носеше изложбата. Работени со илустраторска прецизност и колористичка шема, која беше речиси фиксирана за потоплата гама бои (црвеникави, окерести и жолтеникави нијанси што преовладуваа), психолошкиот израз на носителите на маските, требаше да биде доминантен во однос на сѐ останато. Бидејќи не постоеја додатни елементи, како гестикулации и движења, психологизацијата на ликот, изразена преку погледот, доколку не е присутна може да претставува сериозна бариера помеѓу гледачот како рецепиент и самото дело, недостаток што авторот мора да пронајде начин да го совлада, пред да го пласира како краен продукт пред јавноста. Кога се разработува една ваква тема каде што погледот треба да игра особено значајна улога, како единственото нескриено, искрено изложување на длабочината на човековото себство, делата сами по себе бараат длабинско простудирана анализа, доволно изразита да ни го „отвори“ патот нам, гледачите, патот првенствено кон себеси, да размислиме и да ја побараме, или да ја отстраниме маската што ја носиме на себе, со тоа и добивајќи поттик да ги разокриеме маските на „преобразбите и изопаченостите“, кои во многу форми секојдневно ги забележуваме како постојано присутни во нашето општество. Со нагласениот, интенциозно допадлив и премногу искомерцијализиран илустраторски израз, гледачот неуспешно се обидуваше да се поврзе и да ја осознае главната порака, која Јордановска имаше идеја да ја пренесе, а која како што вели описот за нејзиниот проект, треба „да ја открие суштинската исполнетост во спојот на бесмисленоста и разумот“, да се согледа реалноста, која е „изместена, изопачена, необликувана.“

 Но, да се претстави псевдоидентитетот, неговото соголување и преобразба, очигледно бара многу повеќе…

-Ангела Витановска, историчар на уметност 14 септември 2021 –


[1] М. Пруст, Во потрага по загубеното време, Том I, Скопје, Арс ламина, 2014

MOT